Психологот Елена Џебр која јавно побара прошка од убиената Фросина Кулакова вели дека протестите за инцидентот со смртни последици кој го предизвика Васил Јованов е момент кој треба да се искористи за искажување револт но и да се промени системот кој е корумпиран, притоа укажувајќи дека и ние кои протестираме сме системот.
,,Лутината и бунтот што ги чувствуваме сега се оправдани. Болно е да гледаме како неправдата и корупцијата ја уништуваат довербата во системот, додека животите се губат прерано. Но покрај тоа што го бараме одговорот од институциите, мора да се сетиме дека ние сме системот”, порачува Џебр која укажува дека секој од нас има своја улога во општеството.
,,Мајките и татковците имаат моќ да воспитуваат деца кои ќе го знаат патот на одговорноста и емпатијата. Учителите можат да инспирираат млади генерации што ќе станат граѓани со силен морален компас. Занаетчиите секојдневно покажуваат што значи чесно заработен леб.
Но, важно е и кого следиме. Внимавајте на инфлуенсерите што ги поддржувате — дали промовираат здрави вредности или се дел од проблемите како алкохол, дрога, коцка, насилство, итн. кои полека, но сигурно, одземаат многу животи и среќно детство. А, оние кои веќе имаат влијание, нека сносат одговорност за тоа што го промовираат и се надевам дека истото влијание ќе го користат за да влијаат добрината да расте. Вечна е борбата помеѓу доброто и злото, но нашата улога е да го негуваме доброто каде што можеме. Малите чекори водат кон големи промени”, смета Џебр која вели дека револтот кој го чувствуваме сега е природна реакција на неправдата и загубата на доверба во системот.
,,Психолошки, тоа е облик на „праведен гнев“ што се јавува кога нашите морални вредности и очекувања се во судир со суровата реалност.
Истражувањата покажуваат дека вакви реакции можат да станат катализатор за позитивни општествени промени, бидејќи преку револтот луѓето ја изразуваат својата потреба за правда и безбедност. Да не чекаме да гаснат млади ѕвезди за да сме гласни за моралните вредности и човечноста.
Мајка Тереза мудро кажала: „Не ме викајте на протест против војна, туку на марш за мир.“
Тоа нè потсетува дека наместо само да се бориме против нешто лошо, важно е активно да создаваме добро.
Секој од нас има дар и простор за дејствување — родителите преку воспитување, учителите преку инспирација и едукација, инфлуенсерите преку одговорно влијание, итн.
Промената започнува со секој од нас. Делувај таму каде што можеш — тоа прави голема разлика.
Прости ни Фросина 💔🕊️”, пишува психологот која е и експерт за Гешталт терапија.
Која е Елена Џебр?
Вљубеник во личниот раст и развој и проучување на човековиот ум и душа, пишува за себе на нејзиниот блог:
,,Дипломирав психологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а академското образование го продолжив и на магистерски студии по Клиничка и советодавна психологија. Уште како студент започнав со едукација за Гешталт психотерапија која ме освои и ми го промени животот. Гешталт не е само психотераписки правец, туку начин на живот и живеење во „тука и сега“. Иако сум вљубеник во гешталт психотерапијата, мојата едукација продолжи со Невро Лингвистичко Програмирање (NLP) и обука за животен тренер (Life coach). Во професија како мојата, едукацијата никогаш не завршува, па така редовно посетувам многу семинари и конгреси, како од гешталт, така и од други психотераписки правци, коучинг и НЛП, а голем интерес имам и кон спиритуалноста и алтернативните методи на исцелување.
Сето она кое го учам го поврзувам и со моето лично искуство и патешествие и мојата цел е истото да го пренесам и со другите за да живеат посреќно и поприсутно”, пишува за себе младиот психолог.
Линк до нејзиниот блог
https://www.elenadjebr.com/%d0%b7%d0%b0-%d0%bc%d0%b5%d0%bd%d0%b5/






