Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, спиел во хотели кадешто ноќевањето е стотина евра и лаже кога вели дека платил поевтино, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
- Дон Николовски спиел во хотели каде што ноќевање е стотина евра, тој лаже кога вели дека платил поевтино. Љупчо Дон Николовски, очигледно, кога станува збор за народни пари, не памети колку и каде дал, секако сеедно му е. Лага e тврдењето на Дон Николовски дека хотелите во САД во кои престојувал биле евтини. За хотелите во САД се платени неколку стотина евра од вечер, потврда за тоа се и документите кои самиот Дон Николовски ги доставил во сметководството на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ништо не го вади Дон Николовски од одговорноста за тоа што, додека земјоделците тука мака мачеле со откуп и пласман, тој ноќевал по скапи хотели платени неколку стотина евра. Дон Николовски раскалашено се однесувал со народните пари. Дон Николовски е лицемерен, никој повеќе не му верува, соопшти партијата.
Бројките изнесени од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ се неточни и со истите манипулираат, како само еден пример ќе кажам дека цената на хотелското сместување во Вермонт беше препорачано од тамошните власти и не изнесуваше повеќе од 150 долари по вечер, тврди поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, по низата обвинувања од пратеникот Бране Петрушевски дека за време на министерскиот мандат честопати знаел да се луксузира со изборот на хотел, па некогаш плаќал и до 500 евра за една ноќ.





