„Експрес“ во градски превоз: Расте бројот на расипани валидатори за билети во автобусите на ЈСП „Скопје“

На дефектите им нема крај. Валидаторите за билети поставени на задната врата во автобусите на ЈПС „Скопје“ и натаму не работат. Апаратите за плаќање се завиткани во црни или проѕирни кеси и патниците можат да го откуцаат билетот само на валидаторот поставен на предната врата, што создава дополнителни гужви и нервози во автобусите кои ги има се поретко.



За проблемот со апаратите за наплаќање од ЈПС појаснија дека станува збор за надградба на системот за наплата. Истата, додадоа од претпријатието, ќе се врши во три фази и ќе трае до крајот на септември.

Фото: Експрес.мк (не смее да се преземаат фотографиите без да се наведе изворот).

  • Моментално се работи на втората фаза, во која се инсталира по еден валидатор во сите возила од новиот надграден систем. Оваа фаза ќе заврши до 15.09.2024 година кога почнува третата фаза, односно паралелна работа на двата системи, при што новиот валидатор во целост ќе ги прифаќа билетите како и во стариот систем. Поради оваа причина новите валидатори се во моментов заштитени, бидејќи сеуште не се во функција. Третата фаза ќе трае 15-30 дена при што ќе се детектираат сите недостатоци на новиот систем, доколку постојат такви. Потоа се исклучува во целост стариот систем, се поврзува и предниот валидатор на новиот систем, со што надградбата ќе биде завршена, велат од ЈСП.

ЈСП „Скопје“ во мај годинава склучи договор од 2,3 милиони евра за надградба на системот за автоматска локација на автобусите и за евиденција на патници во реално време. Договорот е склучен со друштвото за производство, трговија и услуги „Аитоникс“ од Скопје и е во траење од две години.

Нема ден, а да не реагираат скопјани на недоволниот број на автобуси. Проблем кај дел од нив се и нефункционалните апарати за наплата на автобуската карта. Инаку, изминатите месеци ЈСП е на удар на јавноста, најмногу поради редуцираниот возен ред, со оглед на тоа дека летово има недостаток од 40-на автобуси, пролем што за жал ќе се продлабочува.