Економијата да биде приоритет бара Стопанската комора. ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќа сугестиите на бизнисот

Економијата да биде приоритет во следните 10 години, порача претседателот на стопанската комората, Бранко Азески на средба со економскиот тим од ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот Христијан Мицкоски. Азески вели дека во добар дел она што го слушнал од програмата на ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува барањата на бизнисот.
Тој рече дека овој пат нема да дозволат да бидат излажани од програмите на политичките партии, кои се подготвуваат за секои избори и најави мерки што ќе ги преземе ако политичарите отстапуваат од договореното.
Се согласивме со Мицкоски дека не треба да се прават компромиси на сметка на економскиот развој. Ако не обезбедиме консензус за враќање на правната држава, за борба против корупцијата и за намалување на администрацијата нема да биде можен економски развој. Ние ќе ја охрабруваме идната влада да има таква бескомпромисна политика. Не сакаме да бидат само потврдувани разните желботеки кои се повторуваат на секои четири години, туку бизнис заедницата сака професионален однос и контакт бидејќи се работи за економија, за конкретни пари, затоа владата мора да биде внимателна во работата и да не глуми водење економија зашто тоа создава негативни парични ефекти. Од каде да се почне? Мора и од образованието, но тоа дава резултати дури по 10-15 години. Затоа во моментов е битно да се тргне од самата черга, колку пари има од тоа да се започне. За да не се задолжуваме и долгот да им се остави на младите- рече Азески.
Мицкоски по средбата кажа дека сугестиите на бизнисот ќе бидат дел од идната владина програма
-Претседателот на комората Бранко Азески спомена дека ние политичарите правиме список на желби, а најчесто потоа не ги реализираме. Но ние имаме внимателен пристап, имаме проекција како ќе се одвива буџетот во наредните четири години и со колкав фискален простор може да се располага. Како идна Влада со овој внимателен пристап, со одлучна борба против криминалот и корупцијата, со применливи и остварливи мерки во економијата, со голем фокус врз образованието и пазарот на труд, обезбедување на основни услови за да можат нашите граѓани да веруваат во системот, ќе го оствариме она кое што го предвидовме и за кое што разговаравме со претседателот Азески и со неговите соработници. Тоа е Македонија да има еден динамичен раст, а така ќе ја вратиме довербата на граѓаните и зошто да не и на оние кои што се разочараа и заминаа. Да се обидеме да ги вратиме назад“, рече Мицкоски