„Во Храмот на Светиот гроб на Исус Христос во Ерусалим и денеска, на Велика сабота, се појави Благодатниот оган, едно од чудата во православието што секоја година се случува на Велика сабота пред Воскресението Христово – Велигден. Благодатниот оган се спушти во кувуклијата – параклисот над Светиот гроб, каде што, според црковните преданија, бил погребан Исус Христос, откако православниот ерусалимски патријарх Теофил III влезе да се помоли. Светата светлина веднаш се рашири, како благ пламенен бран, што ги обвива верниците, кои брзаа да запалат сопствени свеќи. Прогласот на патријархот ‘Дојди прими ја светлината, заради Воскресението на човештвото!’ предизвика морници од чувства и духовно воздигнување низ насобраната толпа.“ – објави „Ортодокс Тајмс“ во својата фото и видео репортажа со наслов „Дојди, прими ја светлината“ во Ерусалим – Чудото се случи (ВИДЕО)“.
„Ортодокс Тајмс“ објави: Во атмосфера на почит и раскош се одржа церемонијата на Светата светлина во црквата на Светиот гроб во Ерусалим. Малку по 14 часот и 30 минути денеска Ерусалимскиот патријарх Теофил III излезе од светиот гроб, држејќи 33 запалени свеќи во секоја рака и им ја подели Светата Светлина на присутните верници со зборовите „Дојди, прими ја светлината“, заедно со пораката за Воскресението до целото човештво. Светата светлина веднаш се рашири, како благ пламенен бран, што ги обвива верниците, кои брзаа да запалат сопствени свеќи. Ѕвона и ѕвончиња ѕвонеа триумфално, додека прогласот „Дојди, прими ја светлината!“ предизвика морници од чувства и духовно воздигнување низ насобраната толпа.
На спуштањето на огнот му претходеше сложен чин: вратата на кувуклијата беше запечатена со голем восочен печат како знак дека нејзиното детално прегледување е завршено и оти внатре не е пронајдено ништо, што би можело да му послужи на ерусалимскиот патријарх на каков било начин да запали оган. Непосредно пред влегувањето на патријархот, печатот се отстрани и се внесе голем свеќник и 33 свеќи. Патријархот и присутните верници во храмот потоа непрекинато се молеа за појавување на Благодатниот оган.
По спуштањето на Благодатниот оган патријархот излезе од кувуклијата и им го предде светиот дар на собраните верници. Во Црквата на Светиот гроб и во нејзина близина во Ерусалим на овој ден се собираат илјадници верници, кои по преземањето на Благодатниот оган од рацете на ерусалимскиот патријарх го пренесуваат понатаму. Претставници на помесните православни цркви ќе го преземат Благодатниот оган од аеродромот во Тел Авив и ќе го пренесат во своите земји.
Видео-снимка на јутуб-каналот на „Ортодокс тајмс“ од церемонијата на спуштањето на Благодатниот оган и Светата светлина денес, 19 април 2025 година, на Велика Сабота, во црквата на Светиот гроб во Ерусалим, во Израел






