Убиената Вања Ѓорчевска комуницирала со дечко од Шведска, преку интернет, разговарале на англиски јазик, а деталите што ги откриле на неговиот профил ги вознемириле истражителите, но и ги однеле во погрешна насока поради која изгубиле два дена.
„Го проверивме профилот и забележавме дека на неговата страна имаше знамиња поврзани со ИСИС. Тоа го направи случајот уште посериозен и веднаш вклучивме колеги од други оддели за да ја провериме таа можна закана – рече Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал, кој денеска даде исказ во судот во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, пренесува Плусинфо.
Се преземале обемни проверки, вклучително и соработка со шведските власти, како и проверки на границите, но истрагата не резултирала со конкретни наоди.
„Сите проверки беа негативни и оваа трага не водеше никаде. Изгубивме два дена работејќи на оваа теорија“, рече Димовски, објаснувајќи дека полицијата морала да одземе телефони и компјутери за детални анализи, кои траеле неколку дена…
Димовски ги потврди исказите на помошникот началник Музафер Каришиќ дека таткото на Вања постојано повторувал дека Вања е киднапирана.
„ Таткото постојано тврдеше дека Вања е киднапирана, иако во тој момент немавме никакви докази. Од почетокот го алармираше фактот дека ќерка му е исчезната, но нам ни беше чудно како веднаш можеше да се заклучи дека станува збор за киднапирање. Во вакви случаи, се очекува прво да се провери кај другарки или во околината, а не веднаш да се алармира полицијата“, рече Димовски.






