Еден милион евра годишно од „Новоматик“ за ФК Вардар

„Новоматик Македонија“ и фудбалскиот клуб Вардар денеска потпишаа едногодишен договор со кој австриската компанија и еден од најголемите производители и оператори на технологии за игри на среќа во светот ќе биде генерален спонзор на „црвено-црните“ со еден милион евра, но не и сопственик.



„Ова е за нас посебен момент и свечен чин кој предизвикува многу емоции и возбуда. Целиот наш труд и наша борба се препознаени. Вардар добива нова светла иднина. Оваа победа е заедничка, како на Вардар, така и на компанијата ‘Новоматик Македонија’, но пред сè на народот. На сите кои низ годините помогнале, за приказната ‘клубот на народот’ да успее“, изјави претседателот на ФК Вардар, Милорад Миленковски, кој стави потпис на договорот заедно со директорот на „Новоматик Македонија“, Александар Симовиќ.

„Со оваа многу важна одлука, продолжува партнерството на ‘Новоматик Македонија’ со заедницата и поддршката за македонскиот спорт. Ни претставува огромна чест на дресовите на овој македонски спортски великан да стои логото на нашата компанија. Морам да потенцирам дека лојалноста, посветеноста и борбениот дух на верните навивачи ‘Комити Запад’ особено нè инсипираа да ја донесеме оваа одлука“, изјави Марија Митреска, претставник на „Новоматик Македонија“, присутен во земјава 18 години со 2.000 вработени.

„Новоматик“ е број еден во Европа во својата област на работење и една од најголемите компании од оваа бранша во светот, со вкупен обрт од 3,2 милијарди евра во 2023 година.