Минималната плата порасна, усогласувањето за администрацијата неизвесно, велат од конфедерацијата на слободни синдикати. На една недела пред распуштање на Собранието, за во вторник е ставен на гласање пакетот за административните службеници. Меѓу четирите е и законот со кој минималната плата ќе се тргне од пресметката, па илјадници вработени нема да добијат покачување од 2.300 денари, тврди КСС. Ги повикаа пратениците да не гласаат оти законите се штетни и предложени од Азир Алиу кој повеќе не е министер.

Конфедерацијата на слободни синдиката ја поздравува одлуката за зголемување на минималната плата на 22.567 денари од март годинава, но изразува загриженост во делот на усогласувањето на минималните плати согласно колективните договори.
- Кога се работи за почитување на Законот за покачувањето на платите на функционерите, нема проблем и тој мора да се почитува, но кога станува збор за Законот за минимална плата има проблем да се спроведува и за него има различни толкувања – рече претседателот на КСС Благоја Ралповски.

Според него, во минатите усогласувања на платите низ годините законите не биле целосно испочитувани и бара тоа да не се повтори и овој пат.
- „Предлагачот на законот за административни службеници веќе не е член на владата и ако продолжат да го туркаат како таков со нелегитимен предлагач мислам дека ќе направат кривично дело како што прават многупати низ годините и носат многу закони без да имаат заклучок на социо-економскиот совет, без да влезат во Владата“ – додаде Ралповски.

Ралповски изнесе и детали од социо-економскиот совет одржан вчера. Кажа дека претставниците од финансии и економија, како и вицепремиерот Битиќи, биле против усогласувањето.
Смета дека е спорно тоа што четирите закони за административните службеници, со кои, според него, се укинува минималната плата, повторно биле ставени на пленарна седница во Собранието и ги повика пратениците да не ги гласаат.
Околу 27 илјади работници од април ќе имаат покачена минимална плата во износ од 22.500 денари. Синдикатите вчера побараа во првите 100 дена од новата Влада пак да има зголемување оти трошоците растат побрзо од платите.





