Државната комисија за спречување на корупцијата утврди низа пропусти во законите за угостителска дејност, инспекциски надзор и законот за заштита и спасување. Од таму бараат измена и ревизија, а ова доаѓа по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
- „Постапката е формално завршена, без реална потврда на исполнетост на условите. Се создава правна празнина поради отсуство на обврската за контролен надзор пред регистрација и се отвара простор за декларативни пријави што во пракса значи, дозвола за вршење на дејност без реална проверка што може да има последици врз здравјето и безбедноста на гостите“, изјави Татјана Димитровска, Претседателка на ДКСК.

Пропусти се регистрирани и кај Законот за заштита и спасување. Од неговото донесување немало забрана за употреба на пиротехника во затворен простор, а никој не проверувал ниту дали објектите ги исполнуваат условите за противпожарна заштита.
Меѓу слабостите е уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови и постапката и условите за давање лиценца ДКСК утврди слабости и кај казнивоста односно висината на казните не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето.

Според антикорупционерите, исто така, неопходно е прецизирање на законските членови со кои се уредува издавањето лиценци за угостителските објекти, бидејќи според нив има недоречености, нејасни правила, судир меѓу законите и недозволени дискрециони овластувања.
Во меѓувреме, направени се близу 300 контроли, а изречени се казни од над 3,5 милиони денари.





