Јорданскиот крал Абдула Втори на средбата во Вашингтон со американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека силно се противи на неговата идеја за преселување на Палестинците од Појасот Газа, пренесе Ен-Би-Си.
„Ја потврдив цврстата позиција на Јордан против раселувањето на Палестинците кои живеат во Појасот Газа и на Западниот Брег. Ова е обединета арапска позиција“, рече тој.
„Обновата на Газа без раселување на Палестинците и решавањето на страшната хуманитарна ситуација мора да биде приоритет за сите“, рече јорданскиот монарх на својот профил на социјалната мрежа X според кој постигнувањето на праведен мир заснован на решението за две држави е начин да се обезбеди регионална стабилност.
Од друга старана, прозваниот од Трамп Египет, планира да „претстави сеопфатна визија за реконструкција“ на Појасот Газа што ќе им обезбеди на Палестинците да ја задржат својата земја, пренесува The Times of Israel.
Египет „со нетрпение очекува да работи“ со администрацијата на Трамп „за да се постигне сеопфатен и праведен мир во регионот“, се вели во соопштението на египетското Министерство за надворешни работи.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп предложи населението на Појасот Газа, кое тој го нарече „почва за уништување“, да се пресели во арапските земји, вклучувајќи ги Јордан и Египет.






