Владата да обезбеди финансиски средства за редовна исплата на плата, како и преземање на итни мерки за реформирање и реорганизирање на компанијата. Доколку не се исполнат барањата на вработените, побараа вработените на денешниот двочасовен протест во Македонска пошта.
„Повеќе пати разговаравме со новиот директор, но не добивме конкретен одговор кога ќе има исплата на плата. Сведоци сме дека денеска нема плата за работниците, а законскиот рок е до 15-ти во месецот. Моментално се 1.800 вработени и околу 200 поштари на договор.
Исто така бараме и да се реши статусот на поштарите кои работат за минимална плата и без здравствено осигурување, вели претседателот на Синдикатот на пошта, Боро Велигденов.
Тој рече дека има недостаток на работници во технолошки процес – поштари, шалтери и работници, но затоа, има преполни работни места во администрацијата и шефовските позиции.
„Имате еден шеф на еден работник“, рече тој.
Велигденов информираше дека 80% од вработените се на минимална плата и дека по цели 15 години, дури сега добиле зимски униформи за поштарите. За летните униформи се уште не се знае дали и кога би биле доставени.
Вработените во „Пошта“ денеска од 8 до 10 часот организираа протест на членството пред Дирекцијата и во сите подружници.






