Министерот за здравство, Арбен Таравари по денешниот состанок на Кризниот штаб соопшти дека 46 пациенти се лекуваат во скопските болници од кои 30 се хоспитализирани во клиниките „Мајка Тереза“, 10 има во ГОБ „8-ми Септември“, и шест се во старата градска болница – Универзитетска болница за хируршки болести.
Таравари посебно нагласи дека добрата вест е што од денеска на домашно лекување ќе бидат пратени 16 пациенти откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања, а најави и враќање во болниците во земјава на осуммина пациенти кои се на лекување во странство.
- Во болниците во земјите во соседството и низ Европа имаме 115 пациенти од кои четири се во покритична состојба. Вчера беа пет, денеска се 4, да се надеваме на најдобро. Колегите даваат максимум за да се подобрува нивната состојба. Сега сме во фаза на инфекции, но правиме се да не дојде до никакви компликации. Во текот на неделава треба да се вратат осум пациенти кои ќе бидат барем ден два згрижени на клиниките, а се надевам дека за две недели во Македонија ќе се вратат барем половина од хоспитализираните во странство, истакна Таравари на денешната прес-конференција.





