Home Македонија ДУИ по денешните апсења: „Албанците се под напад од институциите“

ДУИ по денешните апсења: „Албанците се под напад од институциите“

ДУИ со реакција по по информацијата дека истрагата за пожарот во Кочани се проширува за 23 нови осомничени и дека се приведени поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување, јави Алсат.
Во рамки на истрагата за трагичниот пожар  во кој загинаа 61 лице, полицијата ги привела поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кадри на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Шабан Салиу, дознава „360 степени“ од извор во истрагата.
Меѓу уапсените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на ВРЕДИ.
Во реакцијата интегративците обвинуваат:
„Денес, албанскиот народ во земјава е под напад од институциите на сопствената држава коишто се целосно заробени од политичките и етноцентристички интереси на власта.
За да се заштитат себе си и своите, премиерот, министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител еднострано ја насочија истрагата против Албанците кои на било каков начин и било кога биле дел од институциите на системот.
Јасно изјавуваме дека денес против Албанците е прогласена еднострана и неправедна агресија, без разлика дали станува збор за ДУИ, за албанските партии во власта или за Албанците воопшто“, се вели во соопштението од ДУИ.
 Од седиштето во Мала Речица посочуваат дека ваквиот начин на водење на истрагата за трагедијата во Кочани, не е правда, туку „одмазда за вклучувањето на Албанците во институционалните текови“.
„ДУИ ќе ги преземе сите потребни мерки за да се спречи продолжувањето на овој напад и да се обезбеди правда за албанскиот народ во земјава“.