ДУИ на власт ја разреши, ДУИ во опозиција плаче по Дамева – реагира ВРЕДИ

ДУИ лани преку нивниот член Селим Адеми, кој е член на Судскиот Совет, ја смени Весна Дамева од претседателската функција, а сега ДУИ рони крокодилски солзи по истата Дамева, реагираше владејачката коалиција Вреди на соопштението на опозициската ДУИ.



„Истата Весна Дамева, која денеска поднесе оставка и по која ДУИ пролеа крокодилски солзи поради притисок врз неа, лани беше разрешена од Селим Адеми – член на ДУИ. Тој тогаш во својство на потпретседател на Судскиот совет ја надгласа и ја разреши од функцијата претседател, бидејќи на дневен ред ги ставила точките што ѝ одговараат на поранешната власт. ДУИ, овој партиски клан што уништи сè, сега од опозицијата почна да продава политички морал и да зборува за притисоци. Но, ова не им успева бидејќи граѓаните многу добро знаат како го злоупотребуваа секој институционален механизам само за своја корист, вклучувајќи ги и судовите“, соопшти Вреди.

Коалицијата потсетува дека обвинителот за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, е близок до ДУИ, што беше потврдено со негови фотографии со братот на Али Ахмети, како и со високи функционери на оваа партија.

„Многу поранешни функционери на ДУИ најдоа утеха во судскиот систем, каде што продолжуваат да делат непристрасна правда. Пример за ова е Иџет Мемети, кој беше фатен на дело и во исто време му направи ветинг на ДУИ. Тоа што ДУИ зборува за постапување спротивно на законите е апсурдно само по себе. ДУИ е синоним за кршење на законите и влијание врз судскиот систем во континуитет. И за ова мора и ќе има одговорност“, се вели во соопштението на Вреди.

ДУИ денеска реагираше дека оставката на Дамева е уште еден драматичен момент што ја одразува , како што велат, алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите.