ДУИ бара „интервенција на меѓународниот чинител“, за да ги „запре насилството и омразата, кои се закана за мирот и стабилноста во РМ“!

„ДУИ најостро ги осудува палењето на автомобилот на обвинителот Џелал Бајрами и палењето на канцеларијата на советникот на ДУИ во Куманово синоќа во доцните часови. ДУИ бара итна интервенција на меѓународниот чинител, за да ја запре опасната спирала на насилство и омраза, која им се заканува на мирот и стабилноста во земјата!“ – објави ТВ Клан Македонија, пренесувајќи го соопштението на партијата на Али Ахмети.



ДУИ тврди: „Тешките настани, што се случија синоќа во Куманово, кога изгореа неколку автомобили и продавница на Албанци, се горчлив доказ за духот на омраза и меѓуетничките поделби, што ги создаде оваа нелегитимна власт. Ова повеќе не е само неодговорност или неуспех – ова е опасна криза која секој ден се влошува. Кога владата не успева да ја гарантира безбедноста на своите граѓани и кога институциите молчат пред ваквите дела од омраза, пораката што се испраќа е јасна: Албанците во оваа земја се препуштени на милоста на судбината. Овој пристап не само што е дискриминаторски, туку е и длабоко дестабилизирачки за целото општество.“

Демократската унија за интеграција повикува на „итна интервенција на меѓународниот чинител“ и наведува натаму во своето соопштение: „Не можеме да очекуваме правда, или одговорност од оваа слепа и еднострана власт. Само меѓународниот притисок може да ја запре оваа опасна спирала на насилство и омраза, која им се заканува на мирот и стабилноста во земјата. Бараме да се истражат веднаш овие напади и сторителите да бидат изведени пред правдата. Секој ден одложување е покана до оние, кои шират омраза, да продолжат со своите срамни дела. Албанците повеќе нема да молчат пред оваа неправда и ќе ги искористиме сите демократски средства за заштита на правата и достоинството на нашите граѓани.“

Партијата на Али Ахмети за себе вели дека „ќе продолжи да биде глас на Албанците и бранител на мирот и стабилноста во оваа земја“ и на крајот на своето сопштение изнесува: „Но оваа борба за правда и еднаквост не може да продолжи сама. Меѓународниот чинител мора да реагира сега, пред да добие оваа омраза уште поопасни размери.“