Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека САД треба да пренесат нуклеарно оружје на полска територија како одвраќање против Русија.
Во интервју за Фајненшл тајмс, Дуда нагласи дека НАТО веќе ги проширил границите на исток, а сега е време и неговата инфраструктура да го следи примерот. „Мислам дека не само што дојде време, туку и би било побезбедно ако ова оружје веќе беше тука“, рече тој.
Полскиот лидер разговараше на оваа тема со Кит Келог, специјален претставник на САД за Украина. Тој има намера да ја оживее идејата што не доби поддршка од администрацијата на Џо Бајден во 2022 година. Според него, одлуката зависи од претседателот Доналд Трамп, кој може да прераспореди американски боеви глави од Западна Европа или САД во Полска.
Ваквиот потег Кремљ би го сметал за сериозна закана, особено откако Москва во 2023 година објави дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. „Русија дури и не се двоумеше кога го премести своето нуклеарно оружје во Белорусија. Тие не побараа никого дозвола“, посочи Дуда.
Полскиот претседател ја коментираше и идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за проширување на „нуклеарниот чадор“ на Франција над европските сојузници. Сепак, тој ги омаловажи сугестиите на премиерот Доналд Туск дека Полска може да развие сопствен нуклеарен арсенал, велејќи дека за тоа ќе бидат потребни „децении“.






