Најнова анкета покажува дека разликата меѓу кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Гордана Силјановска и Стево Пендаровски се зголемува при што од 8,7% во февруари таа е зголемена на 10,2% во март во корист на професорката.
Доколку процентите се претворат во бројки само за Март разликата меѓу двајцата кандидати за претседател е зголемена за 21 до 33 илјади луѓе во зависност дали се смета реалната излезност или вкупниот број на гласачи според избирачкиот список.
За статистичарите еден процент од реалното гласачко тело е 14 проценти а еден процент од избирачкиот список кој тежи над 1 милион и 800 граѓани е 18 илјади луѓе.
Во вкупна бројка според анкетата Силјановска има предност од над 130 илјади гласа пред Пендаровски.
Во синоќешната емисија Објектив на МРТ беа презентирани резултатите од анкетата спроведена од ИПИС во месец март, собрани на ниво на цела Македонија.
На прашањето „ за кого ќе гласате на претстојните претседателски избори?“ 24,6% од анкетираните кажале дека ќе гласаат за професорката Гордана Силјаноска Давкова, а 14,4% се изјасниле за актуелниот претседател Стево Пендаровски.
По нив следат Бујар Османи со 7% поддршка, Таравари со 5,7%, Билјана Ванковска со 3,5% итн.
Споредено со месец февруари зголемување на потенцијалните гласачи има и кај Силјановска и кај Пендаровски, но сепак растот е поголем кај кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.
Имено во февруари за Силјановска се изјасниле 20,2%, што значи дека за еден месец нејзината поддршка пораснала за 4,4%, за разлика од Пендаровски кој во февруари имал 11,5% и поддршката ја зголемил за 2,9% во март.
Другите кандидати немаат шанси да влезат во вториот круг.







