Државниот пазарен инспекторат ги потсетува работодавачите дека согласно одлуката на Техничката Влада утрешниот, 24 април, какои 8 мај 2024 година се неработни денови за сите граѓани на Македонија.



„Работодавачите не смеат да вршат активности во наведените денови, со исклучок на оние работодавачи чии работни процеси не можат да бидат прекинати поради нивната природа.

Пазарни инспектори ќе проверува дали се почитува одлуката на Техничката влада од страна на работодавачите“, велат од Државниот пазарен инспекторат.

Од Сојузот на стопански комори (ССК) сметаат дека утрешниот неработен ден негативно ќе се одрази на преостанатите работни денови од неделата.

Според ССК, одлуката среда да биде неработен ден Владата ја донела без да се консултира со бизнис-заедницата,  а тоа придонесува и останатите денови од неделата да бидат релативно неефикасни за фирмите.

„Со нас, конкретно, за оваа одлука никој нема разговарано. Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела, и понеделникот и вторникот се релативно неефикасни, како и четвртокот и петокот. Навистина, многу непријатна ситуација. Ова не е наша одлука, политичарите ги носат тие одлуки за изборните датуми кои им се потребни за да добијат излезеност“, вели претседателот на ССК, Тони Ангеловски.