До 15 часот излезноста за парламентарните е 36.75%, а за претседателските избори 31.98%

Излезноста на парламентарните избори до 15 часот според обработените податоци од 93.99% избирачките места е 36.75%.



Најголема излезност има во првата изборна единица, односно 41.78%, додека најмала излезност има во шестата изборна единица, односно 29.34%. Вкупно гласале 631.875 луѓе од 1.815.350 избирачи.

Во меѓувреме, излезноста на претседателските избори до 15 часот, според обработени 93.1% од избирачките места, во споредба со парламентарните избори е помала за 4.77%, односно таа изнесува 31.98%. Најголема излезност има во Крива Паланка – 58.29%, а најмала во Липково – 5.14%.

Излезноста и резултатите од изборите можат да се следат во живо на веб-страницата на Државната изборна комисија.

Инаку, претходно од Министерството за внатрешни работи соопштија дека нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми.

МВР апелираше до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.

Исто така, претходно јавниот обвинител и претседател на Комисијата на ЈОРСМ за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборите Џељаљ Бајрами изјави дека согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден до 13 часот течат генерално мирно и без поголеми нарушувања.

Гласањето трае до 19 часот.