Спирос Москову, уредник на грчката редакција на „Дојче веле“, во својот коментар за спорот со Македонија за името констатира дека „политичкиот систем на Грција сè уште не е доволно зрел за да се посвети на политиката на 21. век“.
„Решението на овој бесконечен и анахрон спор меѓу Грција и Македонија ќе отвори важна фаза за нормализација на Југоисточна Европа по војните во Југославија. Регионот како целина би можел да се ослободи од товарот од минатото и да отвори нови можности за стабилизација. Но, за жал, се чини дека политичкиот систем на Грција сè уште не е доволно зрел за да се посвети на политиката на 21. век. Примерот со Македонија ги покажува грешките од минатото: во изминатите децении, грчките партии ја изгубија можноста да му појаснат на својот електорат дека грчка Македонија е очигледно грчка. Но, таа не е единствената“, пишува Москову во коментарот насловен „Македонска салата во Грција“.





