Дојран е трета општина од југоисточна Македонија која референдумски ќе се изјаснува за прашањето на рудниците. Претходно успешни референдуми се одржаа во Гевгелија и во Богданци каде што жителите се изјаснија против отворање на рудници. Референдумот беше распишан на барање на граѓаните кои стравуваат дека рудникот „Казандол“, но и потенцијалното отворање на рудникот „Башибоз“ на планината Беласица се еколошка закана по земјоделството, туризмот, но и за Дојранското Езеро.




Право на глас имаат 2.746 граѓани кои ќе имаат можност да се изјаснат на осум гласачки места. За референдумот во Дојран да биде успешен ќе треба да излезат најмалку 1.374 граѓани. Тие треба да се изјаснат по прашањата “Дали сте за или против продолжување со работата рудникот и рударскиот комплекс Казандол“ и “Дали сте за или против отвoрање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територија на општина Дојран“.