„Дојде бригада од Македонија и се исмеа со нас и со Бугарија“: Тренерот на ЦСКА У-19 за македонските судии по поразот кај Генк

Румен Трифонов, тренер на фудбалерите на ЦСКА Софија до 19 години, е гневен на македонскиот судија Игор Стојчевски и на неговите помошници Куштрим Лика и Даниел Василевски, обвинувајќи ги за поразот од 3:1 против Генк во Белгија во првиот меч од второто коло во Младинската лига на УЕФА.



„Навистина не знам што да кажам. Уште не можам да го рзберам тоа што се случи. Не сум можел да замислам дека на натпревар од европските купови може да има судии што ќе свират на таков начин. Ова денеска не беше потсмев, не криминал, нема таков збор во речникот за да се опише тоа што се случи. Овде, сред Белгија, во центарот на Европа, дојде бригада од Македонија и се исмеа со трудот на момчињата, со нашиот труд, со нашата држава и со бугарскиот фудбал во целина“, изјави Трифонов за Бугарската телеграфска агенција (БТА) по мечот во Генк.

Тренерот на подмладокот на ЦСКА им забележува на македонските судии за двата црвени картона за неговите играчи и за двата пенала за домаќинот, кои, според него, придонеле за пресвртот по почетното водство на неговиот тим, кој ќе се обиде да им се реваншира на Белгијците на 6 ноември во Софија.