Доста е со финансирање на балкански пејачки и градоначалници кои се сликаат со нив, реагира првиот човек на Музичката комора на Македонија, а пренесува Фокус.
„Сакаме да изразиме револт и големо разочарување од страна на македонските општини и градоначалници кои упорно ангажираат странски изведувачи за настаните кои ги прават низ годината, а посебно во летните периоди.
Изминатиов период се информиравме и се трудиме на правен начин да ја регулираме оваа непожелна ситуација со која се одлеваат народни пари надвор од државата и реагиравме кај неколку градоначалници директно, но одговорот беше дека голем дел од средствата ги даваат спонзори.
Дури и да е така, иако знаеме дека општините си ги организираат тие настани и нивни се желбите за викање на балкански пејачи, прво зошто да се одлеваат парите на наши фирми надвор, а второ, небулоза е да се викаат Северина, Пејовиќ, Реља, Розга итн… да пеат на наши национални настани поврзани со македонска традиција“, вели Горјан Стојановски, прв човек на Комората на музичката индустрија во Македонија.
Во отворена реакција, Стојановски реагира дека регионалните музичари не доаѓаат на хуманитарни концерти, добиваат десетпати повисоки хонорари од нашите изведувачи, и обвинува дека градоначалници се фотографираат со странски пејачки, прикажувајќи го тоа како голем успех, наместо да ја поддржат нашата естрада.
„Тие не доаѓаат кога се прават хуманитарни настани, ниту ја презентираат нашата музика и држава кога е потребно, што значи дека нашата држава спонзорира, финансира и вреднува странски музичари многу повеќе од наши.
Поразувачки и понижувачки е кога од општина ќе побараат македонски изведувач за одреден настан и по кажаната сума за ангажман ќе им речат дека немаме толуку пари, за по некое време да видите реклама како ангажирале некој балкански пејач за десет пати поголема сума“, пренесува Фокус.






