Во интервју за Експрес доктор Иво Доневски, субспецијалист-трауматолог на Клиника за трауматологија ги изнесува своите погледи за начинот на кој треба да се решт насобраните проблеми во здравството. По неодамнешната анализа на состојбата во здравството која предизвика реакции во јавноста, вели дека не бега од критика, напротив, ја прифаќа бидејќи токму таа е извор на ефикасни решенија. Зборува и за својата соработка со ФК Вардар, но и за личните преокупации и задоволства.
Изминативе денови сте актуелен со Вашата анализа на состојбата во здравството. Од каде дојде мотивацијата за оваа анализа?
Одговорот е едноставен: моето професионално секојдневие и многуте разговори со моите колеги што со години наназад се вртат како грамофонски плочи додека неформално разговараме за сето она што се случува во нашата работна средина. После секое враќање од престој во странство, ги споделуваме новите видувања што чини, а што не чини и каде сме ние наспроти останатиот свет. Се чини, дека е дојден критичниот момент најискрено да ja прикажеме реалната состојба на „теренот“. Тоа е неопходно за да сфатиме од каде почнуваме и да имаме ефикасен план кој може да се спроведе. Со други зборови, сметам дека за прогрес е неопходно да имаме јасна референтна точка.
Ме радуваат реакциите, а најмногу од сѐ – критиките! Сметам дека поттикнувањето на интелектуалната дебата е неопходно; токму дебатата е изворот на ефикасни решенија.
![]()
Освен како супспецијалист трауматолог на Клиниката за трауматологија, добар дел од граѓаните Ве познаваат и како доктор на Фудбалскиот клуб “Вардар”. Што научивте од тоа искуство?
Фудбалскиот клуб Вардар го следам од детството и црвено-црниот тим остана еден од главните идеали низ годините во кои созревав професионално и лично. Природно, Вардар доживуваше успони и падови; во еден критичен момент почувствував дека можам активно да придонесам во напредокот на мојот фудбалски клуб кој го сакам од дете. Така, во септември 2021 година, со огромно задоволство ја прифатив понудата на моите другари од Навивачката група „Комити“ и волонтерски се ангажирав како доктор на тимот. Во тоа време, клубот беше во криза, која што се надмина со помош на добрата воља на многу луѓе, чии што ангажмани доаѓаа искрено и од срце, единствено поради желбата клубот повторно да ги доживее своите убави денови. Благодарение на оваа соработка, јас бев сведок на прогресот на клубот од втората во првата Фудбалска лига на Македонија. Истовремено, научив многу за истрајноста, другарството, почитувањето и соработката, како клучни вредности на тимската работа. Исто така, научив колку е важно да бидете емпатичен, да ги разберете сфаќањата, а неретко и проблемте на другите, да го изберете најдобриот начин да го кажете своето мислење без да го навредите соговорникот. Токму ова искуство ми овозможи подобро да ги практикувам овие вредности и во мојата основна професија, што е една од основните претпоставки на модерната медицина, а психологијата ги опишува со терминот „soft skills“.
![]()
Велите дека Клиничкиот центар е ’рбетот на здравствениот систем, а според она што го презентиравте, на истиот му треба сериозна реконструкција. Имате ли визија, во кој правец би требало да се делува и со какви проекти?
Видете, секој што работел на проект знае дека основата на добар проект е сериозна анализа. Секако дека имам своја визија. Мојата визија не подразбира губење енергија во неконструктивно оптоварување со она што е зад нас. Она што во моментот сакам да го повторам е дека потребата за анализа доаѓа од неопходноста реално да се претстави состојбата пред да се почне со реформите. Едноставно, да ни е јасно од каде почнуваме, затоа што верувајте, предизвиците се огромни, а очекувањата и нетрпението уште поголеми. Клиниките функционираа како засебни единки со години и лично ценам дека овој концепт треба да еволуира; работата на Клиниките да се поедностави и да биде поефикасна. Концептот за Клинички Центар-Скопје, што подразбира фузионирање на Клиниките во една функционална установа, ќе овозможи да се постигне оваа цел. Ваквиот начин на функцинирање е познат во светот, сведоци сме на позитивните искуства во многу здравствени состеми. Секако, ова е огромен проект, кој што се базира на следните сознанија: каде, кога, зошто и во кои сегменти системот затајува во давањето здравствена услуга на граѓаните; кои категории на пациенти треба да добијат подобра грижа; за кои категории ни треба менторство и поддршка од поголеми центри и.т.н. Во таа смисла, неопходно е фокусот да се насочи и кон поголема пристапност до содветната институција, сериозна техничка проверка и реконструирање на инфраструктурата; подобрување на комуникацијата меѓу институциите и дигитализација; максимално искористување на опциите што ги нуди системот Мој Термин; соодветно надополнување на кадровските дефицити како и програми за континуирана медицинска едукација на сите кадри, како на високиот така и на средниот медицински персонал.
Секако, веќе кажав и во мојата анализа, проекти за возобновување на довербата и односот на здравствениот персонал и пациентите. Кога еден мој пријател кој што живее во една европска земја беше примен во болница поради инфаркт, ми рече: „Кога влегов во болница и кога ме опкружи медицинскиот персонал, знаев дека ќе биде се во ред.” Во моите идеални замисли, вака треба да се чувствува секој пациент кога ќе влезе во новиот Клинички Центар-Скопје. Еден од главните протагонисти во една популарна медицинска серија, често повторува: „Ова е прекрасен ден да се спасат животи”. Би сакал вака да се чувствува секој здравствен работник на своето работно место! И пред некој да помисли дека звучам илузионирано и занесено, сакам јасно да изјавам дека сум сосема свесен колку е долг патот до остварувањето на овие идеали. Но, ако ги имаме, ќе работиме за да ги достигнеме.
![]()
Имајќи ја предвид сериозноста на грижата за пациентите како Ваша професија, кажете ни, наоѓате ли време за „други“ преокупации?
Оние кои ме познаваат приватно, знаат дека уживам да поминувам време надвор во природа, да возам велосипед, да се качувам на Водно. Исто така особено задоволство ми е да комуницирам и работам со луѓе. Сакам да раскажувам, но и да слушам. Дел од денот сакам да го поминам размислувајќи за себе, но и за задоволствата и бремето на моите пријатели. Токму од овие размислувања, сѐ повеќе за мене се наметнува заклучокот дека на сите нас ни е потребна постојана, секојдневна мотивација. Секојдневието наметнува рутини од кои, многу често е тешко да излеземе, но во ниеден момент не треба да заборавиме дека мотивација не движи напред. Оттука потекнува мојата желба и енергија во клучен момент да придонесам за подобрување на квалитетот на животот на сите нас, преку ангажмани во доменот на здравството.





