Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ), која е дел од владината коалиција, го оцени предложениот Закон за употреба на јазиците како „тешко применлив и нефункционален“, поради што нејзините две пратенички денеска не гласаа во Собранието.
„На денешното гласање за Законот за употреба на јазиците во прво читање пратеничките од ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин, не гласаа ниту ‘за’ ниту ‘против’ законот. Тие ја поддржуваат идејата за унапредување на јазичните права на секој граѓанин во Република Македонија, но сметаат дека предложениот текст на законот е тешко применлив и нефункционален. Затоа, во следниот период ќе се вклучат во амандманско подобрување на текстот“, соопшти партијата.
Од ДОМ уште додаваат дека гласањето по овој закон го потврдил демократскиот капацитет на парламентарното мнозинство и правото на секој пратеник да гласа според свое лично убедување.




