Дури 2,87 милијарди евра или половина годишен буџет треба да врати земјава во следните три години, за да го отплати долгот од земените четири еврообврзници. Од овие пари, речиси половина милијарда се камати. Потребно е претпазливо управување со јавните финансии, зголемениот јавен долг од 62,1% бара одржлива фискална политика, се вели во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, за ефикасност на мерките и политиките за сервисирање на јавниот долг. Според ревизорите во Буџетот не се прикажани реалните бруто потреби за финансирање на државата, а ревизијата утврди и дека при креирање на фискалната политика преку нивото на буџетскиот дефицит не се врши анализа на одржливост на долгот.
- „Иако сеуште не се надминати фискалните правила утврдени со Законот за буџети, сегашното ниво на јавниот долг бара во иднина претпазливо управување со јавните финансии преку одржливо ниво на јавен долг и фискална политика со соодветно ниво на буџетски дефицит,“ ДЗР.

Во периодот од 2025 до 2028 година, ќе доспеваат за плаќање издадените еврообврзници, за чии камати државата треба да плати скоро 470 милиони евра, што според ревизорите може да создаде неизвесност во ефикасноста на сервисирањето на долгот поради зголемените потреби за финансирање на државата.
- „Еврообрзница 6 – доспева во 2025 година, вкупна камата 96,250,000 евра. Еврообврзница 7 – доспева во 2026 година, вкупна камата 154,350,000 евра. Еврообврзница 8 – доспева во 2028 година, вкупна камата 79,625,000 евра. Еврообврзница 9 – доспева во 2027 година, вкупна камата 139,200,000 евра.“, ДЗР.
Според ревизорите проблем е и транспарентноста и нецелосното прикажување на приходите и расходите во Буџетот, кога станува збор за рефинансирање на државниот долг со краткорочни хартии од вредност.

- „Во период од 2021 – 2023 година вредноста на издадени 12 месечни државни записи за рефинансирање на долгот и за буџетска поддршка се вкупно 1.8 милијарди евра. Ваквата состојба со која издавањето на краткорочни државни хартии од вредност, за рефинансирање на долг не се прикажува во Буџетот, придонесува за намалена транспарентност и не целосно прикажување на приходите и расходите.“, ДЗР.
Она што е оценето како позитивно е тоа што во време на кризите и покрај високите каматни стапки, министерството за финансии успеало да обезбеди средства од официјални кредитори по пониски каматни стапки од пазарните. Со цел подобро сервисирање на јавниот долг – ревизорите препорачуваат, поголема транспарентност, дефинирање на јасна методологија за пресметка на долгот, како и примена на анализа за одржливост на долгот при креирање на фискалната политика, но и анализа за прикажување на обврските и за долгорочни и за краткорочни камати.





