Додека Нѓела ја сонува „Велика Албанија“, експертите прашуваат „дали ќе остане буквата ‘A’ од албанството во Балканот, ако САД го напуштат“!

По ослободувањето на Косово Албанците одат кон Етничка Албанија, бидејќи е тоа од интерес и на нашиот голем сојузник САД. Но, тоа ги вознемири многу Србите, Грците и словенска Македонија, како историски окупатори на албанските територии. Денес во Западниот Балкан има две албански држави со два албански главни града: Албанија и Косово со Тирана и Приштина.  Ќе ја видиме набргу и независноста третата албанска држава: * Македонија. Но и Чамерија е во движење, се води од историјата на националното прашање, кое е во постојан развој.“ – со ваквите мегаломански великоалбански ставови повторно се огласи Спартак Нѓела, сега адвокат и поранешен политичар и министер за правда на Албанија, во својата колумнa со наслов „Албанците се движат кон „Етничка Албанија“; Србите, Грците и Македонците во аларм!“, која ја објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.



Покрај другото, во обемната колумна Нѓела уште наведува: „Во политиката силата на Албанците е денес во нивниот сојуз со Соединетите Американски Држави. САД сигурно ќе ја поддржат Албанија во нејзиниот постојан развој. Силното сојузништво со Западот ни ги даде сите можности. Денес сме силни. Но, сè уште немаме развиена албанска политика во Тирана, Приштина и Скопје. Потребна е доктрина на обединување на Албанците од Грција од Јанина до Превеза, од Костур до Битола, и од Битола до Скопје: дека така се создава етничка Албанија. Времето оди кон ова обединување, кое се очекува да им ја даде новата сила на Албанците во ова време денес, кое се движи во полза на албанството.“

Наспроти великоалбанските стојалишта на Нѓела, кои бликаат со закани кон територијалниот интегритет не само на Република Македонија, туку и на Србија, Црна Гора и Грција, стојат сериозни предупредувања на низа политички експерти и аналитичари токму од редовите на албанскиот етникум и од Македонија и од други држави од Балканот. Тие експерти и аналитичари во последниве 4 години укажуваат дека „поврзувањето на судбината на албанскиот народ на Балканот со Соединетите Американски Држави може да предизвика тешки последици за припадниците на тој народ, ако се случат промени во силата на САД, или во нејзината политика во Балканот“.

Во својата анализа со укажувачки наслов „2017 година – ветеното заминување на Америка од Балканот: каква судбина ги чека Албанците?“, објавена на 2 јануари 2017 година, Рубен Авџиу, главниот уредник на албанско-американскиот весник „Илирија“ од Њујорк, се осврна уште тогаш на веројатните последици од можното повлекување на САД од Балканот и  Европа по почнувањето на првиот претседателски мандат на Доналд Трамп на 20 јануари 2017 година. Заклучоците од оваа анализа се многу актуелни и денес, иако изминаа 8 години од нејзиното објавување, бидејќи е напишана како да се однесува за почнувањето на вториот претседателски мандат на Трамп од 20 јануари 2025 година. Затоа донесуваме неколку пошироки наводи од таа анализа, која покажува дека бесмислените великоалбански илузии на Спартак Нѓела немаат никаква врска со реалноста.

Нагласувајќи дека „Албанците веруваат оти нивниот живот во Балканот би бил многу полош без Америка“, Авџиу има напишано: „Американците не дојдоа во Европа, за да ги спасат Албанците. Албанците со право веруваат дека нивниот живот во Балканот би бил многу полош без Америка. Поради ова, но и со оглед и на многу други работи, разбирлива е вознемиреноста на многу Албанци што ќе се случува откако новоизбраниот претседател Трамп ќе даде заклетва во јануари 2017 година: за него американското ангажирање во Европа е непотребно и не му служи на неговата земја.“

„ЕУ е добар арбитар, но целосно е ослабена и парализирана од внатрешните поделби, а нема да може да ја замени Америка во ова нејзино дипломатско повлекување од Европа и Балканот, ако се случи, а е ветено. Што ќе се случува со Косово и Србија, со Македонија, може да биде споредна работа од гледна точка на Вашингтон. Заминувањето на големите сили од Балканот донесе големи трагедии во 20 век.“

„Американското деангажирање во Балканот може да се случи во различни форми. Најекстремната форма е повлекување на американските војници и затворање на воениот камп Бондстил во Косово. Помеките форми на американското повлекување од Балканот може да биде преполовување на бројот на американските војници, намалување на дипломатското присуство, затворање на една, или две амбасади во Балканот, затворање на фондовите за финансирање на невладините организации, прекинување на финансирањето на различните програми и друго.“

Во својата колумна со наслов „Водач-падобранец“, објавена на 10 јуни 2023 година во информативниот портал на албански јазик „Порталб“, универзитетскиот професор д-р Мерсел Билали од Македонија предупреди: Да не заборавиме дека ниту A немаше да остане од албанството во Балканот, ако не беа САД природен сојузник на Албанците во Балканот. Но, Албанците во Балканот самите го загрозуваат најмногу албанството со организираниот криминал, со незнаењето, со отстранувањето на системот на заслуги во секоја пора на животот.“