Заедницата на единиците на локалната самоуправа бара оставка од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. А таа пак, контра на ова, експресно, му испрати отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски.
Во име на граѓаните на градот Скопје и во име на вработените во градската администрација и претпријатијата под надлежност на градот Скопје ви испраќаме отворено писмо со надеж дека на овој начин ќе ја разберете и поддржите потребата од стабилизирање на состојбите во главниот град кои благодарение на непринципиелните политики беше нарушена во претходниот период.

Како претседател на Владата на Република Македонија и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ве повикувам и Ве замолувам да внесете разум во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Вашата коалиција во Советот на Град Скопје. Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 лица чие единствено политичко делување е преку деструкција, блокади и политички манипулации.
Граѓаните на градот Скопје не смеат да бидат жртви на политичките амбиции на поединци од Советот на Град Скопје. Недозволиво е скопјани да чекаат автобуси по еден час на екстремни температури, недозволиво е учениците да немаат превоз, а уште пострашна е најавата на министерката за образование и наука дека нема намера да го исплати долгот за бесплатниот превоз на студенти и средношколци кон ЈСП, со намера и да го прекине овој проект.
Како Влада со големо владеачко мнозинсво имате начин и капацитет, а сакам да верувам дека имате и политичка волја да ги исплатите долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, КХС од 2.5 милиони евра, но и кон ЈП Дрисла на кој само Клинички центар му должи 1 милион евра, како и долговите кон ЈП Водовод и Канализација кои се бројат во милионски суми.

Ве замолувам, како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направите вие. Набавете автобуси за главниот град. Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката.
Апелирам до Вас, личните недоразбирања да не бидат причина за блокада на главниот град, а на штета на граѓаните на градот Скопје.
Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда на 4-ти септември на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот. Предлагам условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да го предложите Вие како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а да го предложите преку Вашите советници во Советот на Град Скопје. Јас сум подготвена како и до сега, да ги прифатам Вашите барања и услови, со една цел – подобар живот на граѓаните на градот Скопје, пишува во писмото.

Градот има проблеми со хигиената, но и јавниот превоз. Еден куп има отпад низ улиците и покрај контејнерите се забележуваат во метерополата од кој се чувствува смрдеа на далеку поради топлото време.
„ЗЕЛС е подготвенa да предложи и измени на законски решенија за да може да се одземат ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, доколку таа не поднесе оставка на функцијата“, изјави денеска претседателот на ЗЕЛС Орце Георгиевски.
Додаде дека барањата на градоначалничката Данела Арсовска во пракса нема ништо да променат.
„За жал скопјани се заложници во моментов на еден човек кој има проблем со себе и на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себеси и да си го најде проблемот во себе. За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка“, рече Георгиевски.
На почетоков на месецот градоначалниците на скопските општини и претставници на ЗЕЛС побараа од Арсовска да понуди план за решавање на низа проблеми во градот, вклучително и за јавниот превоз и за хигиената во градот.





