Договорена првата група амбасадори меѓу Владата и претседателот Иванов

Неофицијално, кабинетите на претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев ја договориле првата група амбасадори, одлука која што произлегува од системот на кохабитација меѓу двете институции.



Според неофицијалните информации на expres.mk, во Подгорица заминува досегашниот директор за организациски прашања Михајло Трпковски, кој на таа позиција беше три месеци. Трпковски е дел од Синдикатот на Министерство за надворешни работи, кој што беше жесток критичар на предходната влада. Тој ги има исполнето условите за пензија, но го искористил правото да го продолжи работниот однос.

Во Лондон заминува Александра Миовска, дипломат од кариера, која што беше во трите последни кабинети на министрите Антонио Милошоски, Никола Попоски и Никола Димитров. Миовска се смета за еден од најспособните дипломати во МНР, а на последната средба за името во Брисел го придружуваше преговарачот Васко Наумовски.

Во главниот град на Швајцарија заминува Кенан Рамадани, кој претходно бил на поширока листа за амбасадори, а во моментов е директор во протоколот на МНР.

Македонија во седиштето на ЕУ во Брисел ќе ја претставува Агнеза Руси, која што беше шеф на Кабинетот на министерот за надворешни работи Попоски, а е најзаслужна за визната лоберализација добиена во 2009 година.

Во Букурешт заминува Габриел Атанасовски, сè уште вршител на работите во амабсадата во Париз, откако од таму беше вратен Агрон Буџаку.

Рамадан Назифи е изборот на Владата и на претседателот за Брисел во Кралството Белгија, а најмалку познато име на листата е Јадранка Чаушевска, која што заминува за Париз.

Во Норвешка, во амбасадата во Осло, заминува Серџим Мухамед.