Доаѓа вистината, во партали облечена, грбава и ослабена, крвнички претепана

Пишува: Драган Милосављевиќ

Насловот погоре е мој скромен превод на едни од најдобрите стихови, барем според мене, напишани во рокенрол ерата на поранешна СФРЈ, а се дело на сега покојниот Бора Ѓорѓевиќ, лидерот на „Рибја чорба“. Песна создадена во едно друго време и во поинаков систем, но со порака универзална и чинам, безвремена. Вистината во борба со лагите секогаш изгледа парталосано, во хаосот и матните води плива слабичка, додека одозгора небаре со стапови ја претепуваат зборовите на измамниците. Така било, веројатно така и ќе биде.



Во Македонија, во овие денови на тежок стрес, тага и очај, сите би сакале да ја знаат вистината за она што се случи во дикотеката „Пулс“ во Кочани. Сите до еден. И нема простор за боење и шминкање, одземање и додавање, едноставно премногу е црно како ноќ и затоа сакаме да ја слушнеме во целата нејзина суровост.

Власта не чекаше многу. Свесна дека јавноста нема да дозволи „пимплање“, недоречености и полуинформации, прилично брзо ги соопшти разорните, срамотни и тажни факти. Но не, веднаш се јавија такви на кои оваа „официјална“ вистина не им се виде доволна. Едни, социопати (луѓе со одреден проблем во главите) и други, политички профитери (луѓе со одреден поголем проблем во главите) понесени од моментот побрзаа да понудат алтернативни вистини, секој од нив за своја сметка и од свој интерес. Па така по социјалните мрежи почнаа да се појавуваат „скриени“ бројки на загинати во трагедијата, (се лицитира со цифри како на пазар), се повикуваат на „сведоци од внатре“, се потенцираат таинствени мотиви и така натаму, а објаснувањето зошто тоа не било јавно објавено го наоѓаат во славното: Режимот крие, ако се дознае што точно се случува. Владата веднаш ќе падне!

Овие господа и дами не се многу на број, ама затоа стратешки се распоредени. Ги има на сите социјални платформи, по некој „се убутал“ во медиумите или дури има сопствено порталче. Нивната вистина ја шират и во групи на Фејсбук и по паркови и зеленила, впрочем секаде каде што има народ. А во народот секогаш има една одредена сорта, исто така не многу голема, која инсистира да ја слушне „целата вистина“. Онаа највистинската вистина. Она што институциите го кријат по секоја цена поради нешто. Сакаат луѓето и тоа ти е. И кога ќе ги соочите со сите проклети информации нив едноставно тоа не им е доволно. Фактите дека 59 млади луѓе загинаа, дека близу 200 се повредени од кои десетици тешко, дека дискотеката работела без запазување на никакви стандарди, дека имала фалс лиценца, дека такви има уште еден куп, дека се инволвирани високи службеници, поранешни функционери, актуелни полициски началници, признанието на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека „каде и да копнеш, се е труло“, пораката на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе се апси секој што е виновен, па бил од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ, бил брат на Трамп, а внук на Фон дер Лајен, сето ова на ваквите „тргатели по вистината“ не им е доволно. Тие сакаат да знаат што всушност се крие. Ова набројаното изгледа не е доволно шокантно и ужасно, ним им треба уште поголем отров за да бидат задоволни. Па туку се јавуваат по отворени емисии, потпрашуваат низ продавници и аптеки, на Фејсбук изразуваат сомнежи и препраќаат статуси на социопатите кои „дознале“ нешто важно а тајно и „спонатно“ одлучиле да го споделат.

Навистина не знам што треба да се прави со ваквите луѓе. Со социопатите можеби не е лошо да се позанимава МВР, ама со знатижелниците работата не е таква. Не може човек да биде казнет затоа што е наивен и опсесивно вљубен во мистерии. Да се игнорираат е најдобриот лек, веројатно. Ако некој е близок со таква личност да се обиде да ја вразуми со убаво, да ја утеши и смири со многу трпение. И да ја замоли да олабави со врескање дека „нешто кријат, ги знам јас нив, ги читам како селски буквар“. Па ако вроди со плод, добро. Доколку не, тогаш толку се можело.

На починатите Бог нека им даде вечен мир. На нивните роднини и пријатели сила да издржат. На повредените да им помогне да закрепнат. А ние останатите во ова претешко време да го зачуваме здравиот разум. Ако тоа воопшто е можно.