Дијаспората на нозе – задутре протест во Чикаго, в недела во Љубљана

Македонските иселеници од разни страни на светот продолжуваат да го креваат својот глас против менување на уставното име на Република Македонија – за в сабота е најавен протест во Чикаго, а за в недела и во Љубљана.



Под мотото „Ние сме Македонија. Доста беше“, Македонци од САД ќе се соберат в сабота од 13 часот по локално време пред македонскиот Конзулат во Чикаго. По интонирањето на македонската државна химна, ќе биде прочитана и декларација на македонски и на англиски јазик со пораката „Ние сме Македонија. Имаме едно име, тоа е Македонија, како и еден јазик – македонски. Нема да прифатиме ништо друго“.

Ден подоцна, в недела од 12 часот, на „Плоштад на Републиката“ пред „Цанкарјев дом“ во Љубљана неформална иницијатива за словенечко-македонскo пријателство организира едночасовен протест за поддршка на името Македонија. Еден од организаторите на настанот е млад Словенец роден во Словенија, но по своите родители по потекло од Република Македонија, кој не се согласува со актуелниот политички процес за промена на името на неговата втора татковина.

Во одбрана на името на државата и на македонскиот национален идентитет, а во рамките на глобалното движење „Ние сме Македонија“, иселениците од Македонија досега протестираа во Њујорк (САД), Асти (Италија), Торонто (Канада), Франкфурт (Германија), како и во Израел, Малта, Нов Зеланд…