Директор на болница незаконски давал екстра пари на колеги, се соочува со затвор

Секторот за Внатрешни Работи Охрид поднесе кривична пријава против А.Ш.(39) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.



Тој, во својство на вршител на должноста директор на ЈЗУ – Општа болница во Охрид, со пропуштање на должен надзор и без постоење на правен основ, на четири административни работници во болницата, кои немале решенија за раководна позиција им определил коефициент на раководење и одговорност, со што на штета на болницата им овозможил право на повисока плата во вкупна вредност од 257.920 денари.

Ова било констатирано и при вонреден инспекциски надзор, извршен од страна на Државниот инспекторат за труд”, информираше Стефан Димовски портпарол на Секторот за внатрешни работи Охрид (НА ФОТОГРАФИЈАТА).

Според извори во Охридската болница делото се правело 16 месеци и во секој месец секој од колегите на директорот добивал по 4000 денари или помалку од 70 евра поголема плата.