Директорот на Канал 5 и автор на подкастот ,,На кавга со Иван”, Иван Мирчевски, во својот двосмислен пост на социјалната мрежа LinkedIn објави дека ќе и помага на Бугарија која денеска во Брисел стана ,,најголем победник”, да се соочи со реалноста и да ги победи своите внатрешни демони.
Мирчевски ја прогласи Бугарија за најголем победник по гласањето за извештајот за Македонија во Комисијата за надворешна политика на ЕП со доза на иронија затоа што официјална Софија всушност денеска претрпе дипломатски пораз откако не и беше прифатен ниту еден нејзин амандман.
Во ист стил Мирчевски пишува дека Македонија е најголем губитник затоа што за прв пат една македонска влада успеала да го смени начинот на борба и наместо ,,како до сега” со позиција ,вака од сега” го доби тоа што го сака на меѓународната арена и тоа во институција на ЕУ каде Бугарија е членка.
,,Денешното гласање на AFET донесе 2 егзистенцијални новини кои морам да ги нотирам:
1. Со денешното гласање Бугарија е најголемиот победник. Конечно јасно и недвосмислено па ако сакате и политички брутално и’ беше соопштено дека од денес почнува нејзината борба со сопствените демони од минатото и сегашноста.
Првиот чекор е најважен-соочување со реалноста и јас сесрдно , на мој начин, ќе им помогнам во битката со нивните лични зли духови.
2. Македонија е најголемиот губитник денес зашто штотуку сфативме дека не само последните 7 години туку и повеќе, Македонците само национално вегетирале, а поради политичкиот аутизам на самопрокламираните наши лидери доживеавме идентитетска и интелектуална демилитаризација.
Премиерот Мицкоски сакале да признаеме или не, покажа дека покрај лозунгот “како досега”, во Македонија сепак живеела и една друга парола – “вака отсега”.
Првото полувреме го добивме, се надевам нашиот тим е подготвен и за пенали”, пишува Мирчевски кој ги користи хаштазите меѓу кои и Бугарија Поразена:
#macedonia #kanal5tv #bulgaria_defeated






