„Со притисок и заплашување бугарската официјална политика се мачи да го парализира во македонскиот народ неговиот инстинкт за самозапазување, да ја убие онаа моќна и жива формула, што сама по себе раѓа во неговата свест и во неговата душа, формула како самостојна државна единица на Балканот. … Бугарските влади и буржоазијата бараат присоединување на Македонија, зашто тоа го бараат нивните интереси, но тие интереси се противни на интересите на македонскиот народ.“ – кажал во врска со македонското прашање Димо Хаџи-Димов (19 февруари 1875 – 13 септември 1924), еден од најблиските соборци и истомисленици на Гоце Делчев, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација, истакнат претставник и идеолог на Серската група, како и еден од основачите на Народната федеративна партија. На денешен ден, на 13 септември во 1924 година по налог на Иван (Ванчо) Михајлов, кој работел за бугарската власт, атентаторот Владо Черноземски го уби Димо Хаџи Димов, како еден од најпознатите идеолози и теоретичари на автентичното македонско националноослободително движење.
Дел од неговите и денес актуелни мисли се:
„Ве повикувам во името на Гоце за да ни послужи тоа име како моќна повелба за нашето единствено чувствување како Македонци и за целосно и сестрано откинување од ноктите и мрежата на онаа политика, чии носители најмногу придонесоа за раскинувањето и за новата трагедија на Македонија и кои и денес продолжуваат преднамерно да всадуваат несогласија и конфликти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја одбраниме Татковината од нови заговори и од нови предавства. Сите по патот на Гоце! Сите под едно знаме, неговото знаме!“
„Македонија нема да се ослободи со дипломатски средства, преку надворешна интервенција, ами преку револуција и по пат на самоослободување. Тајната дипломатија на империјалистичка Европа, искористувајќи ги великодржавните територијални аспирации на малите балкански држави, ги вовлекува нив во своите игри и ги држи во потчинетост и заостанатост. По националното ослободување, ќе дојде борбата за класно и социјално ослободување“
Социјалист и национален деец
Семејството на Хаџи Димов во 1879 година, бегајќи од турскиот аскер, се доселува во Дупница, Бугарија. Димо во 1895 година ќе учителствува во Дупница, преокупиран со социјалистичките идеи и идеите за ослободување на својот македонски народ. Во редовите на ТМОРО се вклучува во 1896 година. Се спријателува со Јане Сандански за кого, според кажувањето на Иван Харизанов, Димо Хаџи Димов претставува духовен учител, „кој како брат се грижеше за него“. Од 1901 година Хаџи Димов се вклучува поактивно во македонското ослободително движење. Во судирот меѓу Внатрешната организација и Врховниот комитет Хаџи Димов застанува категорично на страната на Внатрешната организација.
Во договор со Гоце Делчев тој во јануари 1903 година заминува со четата на Борис Сарафов за Македонија. На 3 мај пристига во селото Баница, за да се сретне со Делчев. Следниот ден турската војска го напаѓа селото и во битката загинува Делчев. Хаџи Димов успева да се извлече и кон крајот на мај се враќа во Дупница. По Илинденското востание заедно со Јане Сандански и Ѓорче Петров застанува против врховистите. Се профилира како истакнат претставник на Серската група и на реформската струја во ВМОРО.
Во 1908, во времето на Младотурската револуција, Хаџи Димов заминува за Солун и е еден од иницијаторите за создавање на Народната федеративна партија. Една од целите на оваа партија е Македонија да се оформи како одделна самоуправна единица т.е. турската империја да се реформира како источна федерација и наместо вилаетите од националните провинции да се формираат самоуправни области како: Македонија, Албанија, Ерменија.
Во Првата балканска војна Димо Хаџи Димов бил подофицер во 14-от пешадиски македонски полк на Седмата пешадиска рилска дивизија на бугарската војска. Учествува во битките за Царево село и Кочани. По Првата светска војна Хаџи Димов заедно со Ѓорче Петров и соработниците на Јане Сандански се организираат во борба за извојување на автономна и обединета македонска држава. Во ноември 1918 година оваа група се огласува со Декларација, во која ги изложуваат своите погледи околу Македонија, а потоа Хаџи Димов погледите изложени во Декларацијата ги доразвива во својата брошура „Назад кон автономија“. На 9 март 1919 година е објавен Апел до македонското население и емиграцијата во Бугарија. Хаџи Димов е еден од 19-те потписници на Апелот и влегува во шестчленото Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација што е формирано на состанокот на кој е усвоен Апелот.
Од крајот на 1919 година Хаџи Димов се вклучува во активностите на Бугарската комунистичка партија околу емигрантите во Бугарија. Станува секретар на тогаш формираната Централна емигрантска комисија.Тој го популаризира делото на Советскиот Сојуз и ја поздравува победата на Октомвриската револуција, ја разобличува бугарската реакција и ги шири социјалистичките идеи. Хаџи Димов станува и комунистички пратеник во бугарското Народно собрание. Во мај 1924 година влегува и во Централниот комитет на партијата. Поради своите активности ќе дојде во судир со бугарската власт и со автономистичката ВМРО.
Заканите кон него стануваат сѐ почести. По убиството на Тодор Александров десницата на македонското движење се одлучува многукратно да се одмазди. На состанокот со левицата, што е закажан за 12 септември 1924 година во Горна Џумаја, во Пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија, настанува колеж на многумина истакнати левичари и македонски илинденци-револуционери. На оваа средба требало да дојде и Хаџи Димов, но не дошол. Но тоа не му помага да го избегне убиството. Веќе следниот ден, попладнето, Хаџи Димов е убиен од страна на Владо Черноземски на улиците на Софија. Закопан е на софиските гробишта. Димо Хаџи Димов е опеан во народната песна на македонскиот народ. Тој се споменува во песната „Буките развиват браќа“.
Преземено од: Википедија






