Димитров: Сме и ќе бидеме Македонци – за Наумовски без брзоплетост

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за Анализа 24 одби да каже што ќе прави со преговарачот за името Васко Наумовски, кој според МНР ги прекршил дипломатските правила.



За шефот на дипломатијата некои работи треба да се преспијат пред да се донесе одлука за нив.

-Ќе згрешам ако на брзоплетост ќе одговорам брзоплетост – рече Димитров кој објасни дека Васко Наумовски рече бил предложен од претходната влада и е именуван од претседателот на Република Македонија.

“Наследивме и многумина кои што не се кариерни дипломати, кои што се политички пратени од нашите претходници. Многу е лесно да се дигне раце, тешкото е и мислам дека нема поголема патриотска должност од сите кои сме вклучени да го туркаме процесот напред”, изјави Димитров.

Димитров ја обвини опозицијата дека нема чесна визија за иднината на Македонија а за референдумот смета дека е изборно ветување кое е сеуште далеку.

“Имаме втора шанса да си направиме вистинска, средена држава. И мораме да направиме се што можеме оваа втора шанса да ја искористиме. Ако не се отворат овие врати, најверојатно е еден вечен период на циклични кризи во време кога светот не е посебно сигурен, кога е многу непредвидлив, кога во нашиот регион има прашања статусни што не се решение. И мислам дека не би требало да ја изложуваме нашата државност на такви ризици, би било неодговорно”, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју во Анализа 24.

Димитров рече дека разговараат со раководството на Грција, Владата, министерот, односно со тие што ја водат надворешната политика а во тие разговори главен интерес е да си го сочуваме идентитетот бидејќи ние сме Македонци и ќе бидеме Македонци. Да имаме достоинствена дистинкција, тоа исто така е важно смета министерот кој е убеден дека со посветеност оваа мисија не е невозможна, иако е комплицирана.

Во постигнување на мисијата најави дека ќе се бара помош од другите, поголемите, веројатно мислејќи на САД и ЕУ.

Според него, важно е да направиме се во 2018 година, да бидеме доволно храбри, да излеземе од ровот кој пред се е врз основа на страв и несигурност во самите себе.

Целта во разговорите за името заедно со медијаторот Нимиц е да се дојде до решение кое и кај нас и во Грција ќе се гледа како добро решение.

Прашан дали македонската Влада ќе преземе нешто за промена на имињата на скопскиот аеродроми, за автопатот и споменикот „Воин на коњ“ од проектот „Скопје 2014“ рече дека сме си направиле сами импликации врз идентитетот.

“Изгубивме симпатии надвор, дадовме аргументи на националистичките аналитичари, направивме, како што рече извесна конфузија дома, а сега за тоа се разговара”, изјави Димитров кој не исклучува во блиска иднина да има средба меѓу Заев и Ципрас, на која што веројатно би се разговарало и за името.

Димитров рече дека  за секој политичар е најлесно да го остави така ова крупно прашање и да биде херој.

“Јасно е дека ние ќе бидеме Македонија. Поранешна Југословенска Република не е достоинствена референца. Ако ја извадиме пресудата од Хаг, чукаме на маса и почнеме да обвинуваме, многу тешко ќе дојдеме ќе бидеме сојузници. Ако сакаме оваа разлика да ја надминеме на европски начин ова не треба да биде проблем и не треба да има ексклузивитет. Промена на името би значело доколку ние немаме Македонија, а се друго дури и во ПЈРМ си постои терминот Македонија. Тој страв не треба да постои, кој е тој што може тие работи да ги загрози”, вели Никола Димитров за Анализа 24.