Димитров очекува датум за преговори со ЕУ до јуни

„Македонија очекува до крајот на бугарското претседателство со Европска унија да добие датум за почеток на преговорите за членство“, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров пред почетокот на денешната сесија на вториот дел од неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Гимних, што се одржува во Софија.



„Правиме сè што можеме во јуни да има политичка одлука и правиме сè што можеме да ја убедиме Грција да биде дел од тој консензус за Македонија. Тоа ќе биде добра работа за Македонија, за Бугарија, за сите наши соседи, за Балканот, но и за Европа“, рече Димитров во изјавата за новинарите пред денешната сесија на која учествуваа министрите за надворешни работи од ЕУ и на петте земји кандидатки од Западен Балкан.

Во врска со изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека се решени три од седумте спорни прашања во преговорите со Грција, Димитров не прецизираше за што станува збор, но наведе дека задачата на премиерите е да го водат процесот, а на министрите за надворешни работи да го сработат тоа.

„Сепак, пораката е дека процесот оди напред“, додаде Димитров.