Поранешниот министер за надворешни работи и за европски прашања Никола Димитров ја критикува опозицијата за критиките кон власта за одлуката на Европската унија да ја одвои Албанија од Македонија на европскиот пат.
„Опозицијата си ја има мувата на капата. Таа е таа што го спои пристапниот процес со билатералните прашања со Бугарија и на тој начин го направи, практично, неостварлив. И затоа какво било ситење и фаќање сеир сега на одвојувањето на Албанија е срамно. Нема никаков образ, па дури ни политички кредибилитет од таа позиција да се напаѓа оваа влада, која направи сто дена, затоа што ние како држава, како нација мораме да најдеме одговор на едно прашање: ‘Што ќе се случи ако уште вложуваме во европскиот процес, ако ја направиме и оваа концесија – го смениме Уставот, ги усвоиме уставните амандмани што ги бара Бугарија, а понатаму пак сме блокирани, овојн пат на некое трето прашање?’. Значи, ние мораме да обезбедиме дека нашиот чекор ќе нè носи кон Европската унија. Мораме да обезбедиме дека не отвора врата за некое следно вето. Мораме да ја научиме лекцијата по сè што поминавме како народ, како нација и како држава“, изјави Димитров во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
„Мораме да ја убедиме Бугарија дека времето не работи за нив, дека секој ден во оваа каша – Македонија блокирана – расте анимозитетот кон Бугарија. Ние никогаш не сме биле подалеку како македонски народ со бугарскиот народ, како држава со држава. Ако таму нема разбирање, мораме да направиме чекори што нема да бидат залудни. Ако може и реверзибилни. Би било фер барем да ни кажат зошто не поминува во Софија оваа позиција на одложено дејство што сега ја застапува новата влада, а е позиција на владата во која јас бев дел во 2001 година, ние и написмено овој став го искомунициравме со официјална Софија – ќе гласаме за амандманите денес, но ќе стапат на сила тогаш кога ќе станеме членка на ЕУ“, додаде тој.






