Димитров: За мојот народ „ГорнаМакедонија“ не е добро решение

„Слеано име на македонски јазик и без превод не е најдобриот правец во разговорите“, изјави министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, по средбата со својот грчки колега Никос Коѕијас, одговарајќи на новинарско прашање.



„Сегашната референца поранешна југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шесте официјални јазици во ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека сложено име со некаква одредница, заедно со името Македонија, во еден збор, е добро решение“, изјави Димитров.

Шефот на грчката дипломатија на прашањето зошто Грција инсистира на промена на македонскиот Устав одговори дека, според праксата на европските уставни судови, националните устави се над европското и меѓународното право.

„Затоа е потребно ова прашање да се разјасни, но тоа во моментов не е тема, бидејќи сме на средина од преговорачкиот процес“, изјави Коѕијас.

За нацрт-спогодбите што си ги разменија Скопје и Атина тој рече дека тоа се документи со кои треба да се разјаснат позициите на страните, а не да се отежни процесот.

„На крајот треба да добиеме еден текст што медијаторот Метју Нимиц ќе го преточи во договор и ќе го достави до Советот за безбедност на ОН како потврда дека проблемот е решен“, објасни шефот на грчката дипломатија.

На истото прашање Димитров објасни дека Македонија се залага за одржливо решение кое ќе биде постигнато и прифатено од јавноста и од граѓаните на двете земји.

„Наше е тоа да го понудиме и одбраниме. Иако застапуваме различни страни, се обидуваме да постигнеме заедничка иднина. Историјата е важна, но не можеме да ја промениме, за разлика од сегашноста и од иднината. Потребно е одджливо решение што на двете страни ќе им овозможи да одат напред“, рече Димитров.

Коѕијас, пак, изјави дека е потребно праведно решение кое не се однесува на минатото, туку на иднината и кое ќе ги отвори патиштата и нема да создава проблеми во иднина.