Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров по денешната средба со медијаторот Метју Нимиц изјави дека никој не може да им го оспори правото нему и на неговите сограѓани да бидат Македонци и ако биде допрен македонскиот идентитет, тогаш нема да има решение за разликите за името со Грција.
„Името е исклучително чувствително прашање за граѓаните на Република Македонија. Дел од нив го следат со големо внимание, дел со загриженост, некои со гнев и сакам да укажам дека ние како Влада имаме целосно разбирање за ова. Сакаме ова прашање да го решиме на начин што и кај нас и кај нашите соседи во Грција ќе се смета за достоинствен. Јас имам целосно разбирање за оние грчки граѓани што себеси на еден или на друг начин се самоидентификуваат како Македонци, дали во контекст на античка Македонија или во контекст на регионот. Меѓутоа, во Европа во 21. век не само нашите соседи во Грција, туку и кој било друг, не може да разговара и да го допре нашето право, моето лично и на моите сограѓани, да бидеме Македонци, кои што зборуваат македонски јазик, кој што припаѓа на групата словенски јазици“, изјави шефот на македонската дипломатија.
„Идентитетот на македонската нација не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука, туку резултат на историски процес. Прашањето е поголемо од мене и од преговарачите. Ако дојдеме до таа точка за решение да треба да се допира идентитетот, нема да има решение. Но, ќе биде жално ако две европски држави во 2018 година не се доволно големи ова да го препознаат“, прецизира тој.
Димитров е против истакнување црвени линии во разговорите за името.
„Колку повеќе зборуваме за црвени линии во јавноста, толку помалку има простор за разговор и се намалува шансата да најдеме решение што ќе биде прифатено од граѓаните на двете страни од границата. Од наша страна има волја и се надеваме дека и од другата страна ќе има иста ваква волја да најдеме решение. За оние граѓани што сакаат да видат решение и кои што се плашат ако нема решение, сакам да им упатам порака дека – ако има достоинствен начин што ќе ги почитува идентитетите и достоинството и на двете страни, низ овој процес тој начин ќе го најдеме. Можно е и да нема таков начин. Меѓутоа, наше е да направиме сè што можеме да го најдеме овој начин“, изјави тој.
„Разговаравме многу детално, многу сериозно за идеите што медијаторот ги претстави во Њујорк, му кажав дека таму има идеи што не се толку лоши, но и такви што не се толку добри и кои што создаваат загриженост кај нас“, дополни министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.





