Проектното финансирање како модел за реализација на крупни проекти, каков што се применува во многу европски земји, ќе стане реалност и во Македонија, преку нов инвестициски циклус поддржан од Обединетото Кралство. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за емисијата „360 Степени“.
– Во однос на новиот инвестициски циклус, станува збор за проектно финансирање, што значи дека конечно ќе постапуваме како секоја една европска држава. Поточно, се почнува со конкретен проект, има инвестиција за која однапред се знае колкав е периодот на изведба, и во тој период не се врши отплата – тоа е таканаречениот грејс период. Потоа следи периодот на отплата, чија должина ќе ја покаже физибилити студијата, која ќе ги определи и очекуваните приходи од проектот – изјави министерката.
Таа нагласи дека Владата не предвидува оптимистички сценарија со веднаш повлекување на целата сума од 6 милијарди евра, туку планира постепено финансирање, согласно зрелоста на проектите. Како пример ги наведе тековните проекти во железничката инфраструктура и здравството.
Во однос на изворите на финансирање, министерката појасни дека тие ќе бидат комбинирани, при што дел од средствата ќе бидат обезбедени од британската Влада. Средствата ќе се повлекуваат постепено, во согласност со реализацијата на проектите.
– Авансно плаќање нема да има. Првата фактура се очекува во 2027 година. Средствата ќе се повлекуваат како што се реализираат проектите. Во текот на петгодишниот циклус, ќе следиме динамика на реализација и соодветно ќе плаќаме. Првично беше најавено дека ќе имаме грејс период, период на изведба и потоа период на отплата – додаде таа.
Министерката нагласи дека ваквиот модел е суштински различен од издавањето еврообврзници.
– Издавањето еврообврзница не значи проектно финансирање. Кога се работи за крупни проекти кои имаат додадена вредност за идните генерации, логично е трошокот да го споделите со нив. Не можете целото финансиско бреме да го носите сега. Така беше со Коридорот 8 и 10д. Во 2023 година беа префрлени 14,5 милијарди денари, односно 230 милиони евра кон „Бехтел и Енка“. Истата година беше издадена еврообврзница со која беше финансиран тој дел, по камата од 7%. Прашањето е – дали тоа е во ред? Затоа сега велиме дека одиме со проектно финансирање кое ќе биде поевтино од тие 7%, со што во првите години само ќе инвестираме, без отплата – рече Димитриеска-Кочоска.
Во врска со јавниот долг, министерката нагласи дека кога се инвестира, паралелно се поттикнува и растот на БДП.
– Не може да се очекува задолжување, а да нема раст на БДП и да се зголемува јавниот долг. Тоа беше можно порано, кога средствата се трошеа непродуктивно – преку трансфери кон јавни претпријатија и акционерски друштва – додаде таа.






