Ние можеме да изгласаме измени на Уставот, но претходно мораме да добиеме гаранции дека тие ќе се применуваат откако Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, вели претседателскиот кандидат на партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски во интервју за „Радио слободна Европа.



Според него ова стои во неговата програма „Манифест за Македонија“ во која се предвидени неколку чекори за придвижување на процесот на интеграција.

„Со приоритетот број еден во првите 100 дена, е предвидено формирање специјален експертски ЕУ тим кој ќе започне преговарачки процес за адаптација на преговарачката рамка во согласност со реалните внатрешни општествени околности во врска со историските прашања кои ги оспорува нашиот источен сосед, а се директно поврзани со генезата на македонскиот национален идентите“ објасѝнува Димитриевски.

„Во третиот приоритет од програмата многу јасно е наведено дека по преземањето на претседателската функција во интерес на зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на билатералните односи со Република Бугарија, во првите 200 дена ќе предложиме уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во Преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.

Секој друг пат ќе значи постојани уцени и барање за отстапки од наша страна, вели Димитриевски.