Димитриевски: Не ме изненадува ароганцијата на тие што ја згазија социјалдемократијата

Максим Димитриевски, кој беше кандидатат за претседател на државата, но не го мина првиот круг од трката за шеф на државата одговори и на вчерашната порака на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски кој во врска со условувањата на лидерот на ЗНАМ од митингот во скопската општина Аеродром рече дека раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ кои се наследници и на НОБ, АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов.



„Сакам да испратам порака до тие коишто обвинуваа за соработка со ванчомихајловисти, итстите тие коишто дозволија да се отвораат клубови на странски држави во текот на нивниот мандат и ја згазија само социјалдемократијата туку и Илиндеската и АСНОМ-ската идеја во целост во државата не обвинија дека сме човек партија. Нивната ароганција е ненадминлива. Со тоа навредија покрај мене уште 84 000 и повеќе граѓани на оваа држава. Но, како и да е ние позитивно продолжуваме понатаму и чест ми е што денеска токму овде традиционално во Меморијалниот центар Пелинце каде што се удрени темелите на современата македонска држава, на АСНОМ гледам голем број на мои поранешни соборци, сопартијци, социјалдемократи коишто се придружија на овој настан којшто го организира „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, рече Димитриевски.

Лидерот на „Движењето ЗНАМ“ имаше и обраќање пред членството и симпатизерите на партијата, пред кои рече дека не е изненаден од ароганцијата на тие што ја погазиле социјалдемократската мисла и идеја.

„За жал нивната ароганција како и секогаш е многу поголема од сите тие коишто навидум ги предводат. И да им кажам, не сум изненаден. Таа порака ја испратив по барање токму на тие луѓе од таму затоа што сметаат дека Илинденските и АСНОМ-ските вредности треба да се сочуваат, треба да се негуваат, треба да се обединуваат“, рече Димитриевски во неговото обраќање.

Лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, вчера на двете најголеми партии од македонскиот политички блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, им постави услови за можно коалицирање без чие исполнување, како што рече, нема да има почеток на разговорите за евентуална соработка со едните или со другите.