„Ние ќе водиме позитивна кампања, ќе работиме на обединување на македонскиот народ и македонските граѓани во целост. Нашата цел не е да ги делиме граѓаните по политичка, верска или било која друга основа, нашата цел е да ги обединиме“, порача во средата вечер од Штип, кандидатот за претседател на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој кампањата ја води под мото „Максимум за Македонија“.
– На Македонија ѝ е потребно обединување, на Македонија ѝ е потребен претседател којшто ќе биде обединител и на Македонците и на сите етнички заедници во државата – рече Димитриевски.
Димитриевски порача дека граѓаните на Македонија заслужуваат поубаво утре, затоа што какошто рече нашата земја од ден на ден се празни, младите заминуваат од државата, како што е примерот со Богданци. Место кое порано вработувало 6.000 луѓе, а сега има една канцеларија за брзи кредити, неколку кладилници.
– Денеска младиот човек нема можност, сериозниот кој што работел, се вградувал во оваа држава денеска и едвај преживува и гледа како државата му се распаѓа во континуитет. Денеска почитувани мои штипјанки и штипјани молкот е повеќе од срам и затоа ние од ЗНАМ се одваживме да излеземе пред граѓаните и да им понудиме нешто ново. Ново што излегува од граѓаните и ќе работи за граѓаните – рече Димитриевски.
Тој најави во првите 100 дена од добивање на мандатот ќе предложи Национална стратегија за борба против политичката корупција, бидејќи главната корупција е во политиката. Димитриевски истакна дека ќе предложи и уставни измени, со цел да се спречи било каква амнестија за корумпираните политичари.
Димитриевски имаше и средби со граѓани во Лозово и Свети Николе. Таму говореше и за состојбата во стопанството. Тој рече дека за да се полни буџетот треба да се искористат природните ресурси и потенцијали и да ја трансформирате Македонија во самоодржлива држава. Како пример за тоа што се случува посочи дека Македонија има три фирми за експлоатација на песок, а ниту една нема дозвола за ископ, а во државава се градат станови, објекти, секаде.
– Се краде на ангро, никој ништо не плаќа на државата. Песокот како најевтин материјал. Замислете што се случува со рудното богатство. Со рудите, со минералите, со мермениот комбинат и со икс други наши ресурси коишто треба да го полнат државниот буџет. Кај нас сите ја молзат кравата, а никој не сака да ја рани – рече тој.





