„Оваа Влада се обидува да ги смени негативните трендови во државата, при тоа не газејќи ги македонските национални и државни интереси и не отстапувајќи ниту еден милиметар од тоа. Се додека е тоа така, ЗНАМ ќе биде составен дел на мнозинството на оваа власт и ќе гарантира да нема уцени од малцинството над мнозинството, како што беше во минатото.“ – изјави вчера Максим Димитриевски, лидер на партијата ЗНАМ и градоначалник на Куманово, во гостувањето во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа.
Запрашан во врска со заканата на ДУИ за дестабилизација на државата, Димитриевски му порача на Ахмети да го промени ставот и оти „никој не може да ја дестабилизира државата, ниту од надвор, ниту од внатре“. „Државата ќе одговори на каков било обид за нејзина дестабилизација! Секој има право на демократски начин да протестира. Но, ако се обиде некој да ја дестабилизира, државата ќе постапи. Македонија има закон, има Устав, има институции и тие ќе постапат, за да го заштитат уставниот поредок! Волјата на мнозинството се искажува со 61 пратеник во Парламентот и наша обврска е да ја почитуваме волјата на мнозинството.“ – нагласи Димитриевски.
Околу можноста за нови предвремени парламентарни избори Димиттриевски посочи дека е „здраво за ЗНАМ како нов политички субјект да учествува на избори“. „Да видиме каде сме, што сме. Ние сме подготвени, ако одлучи мнозинството дека треба да има избори. Ако се случат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните избори, повеќе од сигурен сум дека ќе се намали драстично и овој број на пратеници во парламентот, што го имаат во моментов СДСМ. Тоа ќе биде добро за државата, бидејќи тоа е една пратеничка група, која, всушност, цело време со своите кандидатури бркаше самоамнестија и спас за самите себе си, не водејќи сметка за партијата.“ – нагласи Димитриевски.
Околу тврдењето на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека „Вреди и ЗНАМ имаат преполовена поддршка и маргинализирана улога во Владата“, Димитриевски рече дека нема подобар мерач на рејтингот од изборите нема. „Изборите се случија пред извесно време и сите видоа каде сме и какво е расположението кај народот.“ – додаде Максим Димитриевски.
На прашање за коментар на видеото, на кое се гледа претседателот на СДСМ Филипче како се забавува во Дубаи на приватна забава со поранешниот претседател на партијата Зоран Заев, Димитриевски одговори дека е „некоректно да коментира приватни забави, иако станува збор за јавна личност“. „Јас не сум ги доживувал ниту Венко Филипче, ниту голем број на поранешни функционери на минатата влада, како луѓе, кои потекнуваат од СДСМ, или оти се СДСМ. Тие се, всушност, натрапници во таа партија, којашто своевремено била државотворна партија. Тие кокетирале со сите други власти, идеолошки не биле поткрепени во таа насока и со сплет на околности дошле на тие места. СДСМ ослабува и претпоставувам ќе ја доживее судбината на Пасок од Грција.“ – посочи Максим Димитриевски.





