Најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитриевиќ го понесе признанието за најкорисен играч во регуларниот дел од регионалната руско-белоруска ВТБ-лига.
Бекот на Уникс Казан и на репрезентацијата на Македонија одигра 35 натпревари во основниот дел од сезоната и оствари просек од 19,0 поени, 6,6 асистенции, 3,6 скока, 1,3 украдени топки и перформанс од 23,9 поени.
Уникс прв пат стана победник на регуларниот дел од сезоната на ВТБ Јунајтед лигата. Во решавачкиот натпревар за првото место против ЦСКА Москва, Ненад постигна рекордни во кариерата 40 поени, 9 асистенции и 52 еф. поени.
„Ми претставува голема чест што сум избран за МВП на ВТБ Јунајтед лигата во регуларниот дел од сезоната. Мислам дека тоа е одраз на одличната тимска работа што ја завршивме во текот на сезоната, победивме на големи натпревари и го обезбедивме првото место во регуларниот дел од сезоната.
Би сакал да им се заблагодарам на ВТБ лигата, на мојот клуб УНИКС, на Стручниот штаб на чело со Велимир Перасовиќ, на медицинскиот персонал и на нашите посветени навивачи. Сакам посебно да ги споменам моите соиграчи кои ми помогнаа да станам подобар играч“, изјави Димитриевиќ.






