Личен рекорд од 40 поени и индекс на корисност 52 се вонсериските бројки зад името на македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитриевиќ, најзаслужниот за победата на Уникс над ЦСКА Москва од 88:78, која на тимот од Казан му донесе историско прво место по основниот дел од регионалната ВТБ-лига.
Против гигантот од руската престолнина, предводен од македонскиот тренер Емил Рајковиќ, Димитриевиќ оствари реализација 8/11 за два поена, 7/9 за тројка и 3/4 од линијата за слободни фрлања.
Феноменалниот ефект бекот на Уникс го зачини и со 6 скока и 9 асистенции, а севкупниот учинок на оваа средба го доближи до признанието за МВП на сезоната во лигата во која се натпреваруваат клубови од Русија и еден од Белорусија.






