Димитар Ќурчиев: Важен ден во македонско-грчките односи

Под наслов „НЕЗАБОРАВНИК: 16 ФЕВРУАРИ“, поранешниот новинар и уредник во „Нова Македонија“, Димитар Ќурчиев, пишува за денот кога Грција ѝ објави економска војна на Македонија.



„На денешен ден, 16 февруари 1994 година, Република Грција ја затвори границата кон Република Македонија, воведувајќи еднострано трговско ембарго кон својот северен сосед.

Притоа, грчката влада под водство на премиерот Андреас Папандреу донесе одлука за затворање на грчкиот конзулат во Скопје, како и на солунското пристаниште за испорака на стоки и услуги на независната, самостојна и суверена држава Република Македонија.

Несогласувањето и непризнавањето на уставното име на Република Македонија, како и на нејзиното државно знаме со 16-кракото сонце од страна на Грција, беа причина за воведување на ембаргото кое траеше 18 месеци. Ембаргото беше укинато на 15 октомври 1995 година.

Штетата што ја претрпе Република Македонија од грчкото ембарго, според проценките на економските експерти, изнесуваше околу две милијарди долари.

Тежината на ембаргото за Македонија беше дотолку поголема што во исто време беше на сила и трговското ембарго од ОН кон СР Југославија, кое Македонија беше принудена да го почитува. Поради овие две блокади, земјата беше отсечена од главните трговски патишта преку Коридорот 10.

Само неколку дена откако Грција ја објави својата еднострана економска блокада кон Македонија, шест од грчките партнери во Европска унија – Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Германија и Данска – побараа Атина веднаш да ја прекине блокадата. На 6 април Ханс ван ден Брук објави дека Европска комисија решила да ја изнесе Грција пред Европски суд на правдата во Луксембург поради ембаргото против Македонија.

Во исто време, Бугарија ѝ понуди на Македонија употреба на нејзиното пристаниште во Бургас на Црно Море. Албанскиот претседател Сали Бериша ги стави сите услуги на пристаништето во Драч на располагање на Македонија. Турскиот претседател Сулејман Демирел ѝ понуди на Македонија користење на турските пристаништа и вети турска помош.

Владата на РМ, под претседателство на Бранко Црвенковски, почна проект за изградба на железничка врска од Куманово до Деве Баир есента 1994 како алтернативно решение за сообраќајно поврзување на Македонија преку Бугарија. Но, ова поврзување до ден денес не е реализирано поради недостиг на средства“, пишува Ќурчиев за денешниот тажен јубилеј.