Повеќе македонски медиуми повикувајќи се на пишувањата на нивните хрватски колеги денеска пренесоа дека Лино Червар го напушта Металург каде за прв тренер ќе биде именуван досегашниот помошник Александар Јовиќ, а Червар ќе остане во Автокоманда само како советник. Има логика, Лино е селектор на „коцкестите“, а на три и пол месеци до Европското првенство што се одржува токму во таа земја, тој има и сериозни обврски.



Но, Червар кој пред неколку дена наполни 67 години, подоцна се јави со демант и соопшти дека за родната земја заминува само за да биде дел од собир на репрезентацијата што ја води, и дека не го напушта Металург.

Што и да е точно, што и да донесе следниот период, факт е дека Лино е во сериозна ситуација во која од него се бара да води сметка на два различни фронта, што е тешко и за далеку помлади тренери. Едно Хрватите бараат медал на ЕП, второ во Металург никако нема да се задоволат со елиминација од ЛШ уште во раната фаза од натпреварите по групи, а сините таму веќе наредија два пораза.