Да се воведе преодна одредба со која на граѓаните од земајва и странство ќе им се овозможи на претстојните избори да гласаат со пасоши со старото уставно име чија важност сè уште не е истечена, предлага Државната изборна комисија (ДИК).



Оваа одредба во Изборниот законик, би се однесувала само на годинашните избори, а пред сè би се однесувала на граѓаните чии лични карти се неважечки, предлага првиот човек на ДИК, Александар Даштевски.

„Предлагаме пасошите на кои пишува Република Македонија, ако се важечки, да важат за гласање и тоа да се стави во Изборниот законик како преодна одредба која ќе важи само за овие избори. Од ова мислам дека нема поидеално решение.

Веќе го сменивме Законот за лични карти и тие важат, но многу луѓе немаат и лични карти, па ако важат пасошите, ќе имаат еден документ, зашто тоа се реално важечки документи, издавани од нашите надлежни органи“, рече Даштевски на Телма.