Дивоградба: Портата во Старата скопска чаршија треба да се урне

Од Конзерваторскиот центар Скопје велат дека Општина Чаир треба веднаш да ја отстрани бесправнo изградната „порта“ и да ја врати првобитната состојба на јавниот простор меѓу Бит пазар и Старата скопска чаршија, а надлежните органи да спроведат постапки за утврдување и санкционирање на извршителите поради оштетување на културно наследство.



Оттаму велат дека портата што ги поврзува Бит Пазар и Старата Чаршија во Скопје е дивоградба и треба веднаш да се урне бидејќи се наоѓа во зона со прв степен од заштита.

Откако на 26 февруари градоначалникот на Општина Чаир Висар ја помовираше портата од челик и стакло, стручен тим од Конзерваторски центар извршил увид на локацијата и констатирано е дека станува збор за бесправна градба, која никако не може да биде легализирана, пишува СДК

Според Геодетскиот елаборат, поголемиот дел од градбата во должина од околу 9,50 (9,15) метри се наоѓа во границите на Споменичката целина – Стара скопска чаршија, а помалиот дел од градбата во должина од околу 6,90 (5,90) метри се наоѓа во границите на Контактната зона „Дуќанџик“.

Од Конзерваторскиот центар велат дека направената анализа покажува дека станува збор за градба, а не за настрешница поставена како урбана опрема.

„ Од изгледот, конструкцијата, употребените материјали и начинот на изведба, јасно е дека ‘Поврзувачката Порта меѓу Бит Пазар и Старата Чаршија’ не може да биде урбана опрема“, додаваат од Конзерваторскиот центар.